Линкови за пристапност

Северна Кореја нуди „специфични“ разговори, исклучиво со САД


Северна Кореја, според одредени познавачи на ситуацијата, понеделникот презеде мал исчекор од курсот на конфронтација со понудата за дијалог за намалување на напнатоста во врска со нејзината нуклеарна програма.

Најновото соопштение на севернокорејското Министерство за надворешни работи најпрвин го реафирмира ставот дека шестраните разговори за запирање на програмата се практично завршени. Во изјавата прочитана на државната телевизија, Северна Кореја предлага „друг метод“ за надминување на најновата напнатост - „специфична и резервирана“ форма на дијалог што би се одвивал исклучително меѓу Северна Кореја и САД. Пјонгјанг оценува дека шестраниот формат на разговорите, во кои покрај САД и Северна Кореја, учествуваа и Јапонија, Јужна Кореја, Кина и Русија, не обезбедил „еднаквост и почитување“ и наместо тоа само имал за цел “разоружување и оневозможување“ на Северна Кореја.

Дел од аналитичарите на ваквата најава за можен дијалог гледаат како на исчекор од неколкумесечниот курс на провокација од страна на Пјонгјанг, кој лансираше проектили со долг домет и изврши нуклеарен тест. Други стручњаци пак, сметаат дека со одбивањето на шестраниот формат Пјонгјанг само покажува сила.

Јун Дак-мин од Институтот за надворешни работи и национална безбедност коментира дека шестраните разговори во основа биле „пет наспроти еден“ и дека Северна Кореја не можела да победи во таков формат. Оттаму, вели овој аналитичар, Северна Кореја предлага директен разговор со Вашингтон, во надеж да добие де факто признание за статусот на сила со нуклеарно оружје, каков што имаат Индија и Пакистан.

САД повеќекратно имаат кажано дека никогаш нема да ја прифатат Северна Кореја како земја со нуклеарно оружје. Во неделата, американската државна секретарка, Хилари Клинтон повтори дека мултилатералната рамка е единствениот начин за разговор со Северна Кореја.

Северна Кореја, пак, веќе со години тврди дека прашањето за нејзината нуклеарна програма може да се реши само меѓу неа и САД. Американскиот претседател Барак Обама, како и неговиот претходник, Џорџ Буш, тврди дека нуклеарното прашање претставува витална грижа за севернокорејските соседи - Кина, Русија, Јапонија и Јужна Кореја.

Ли Санг-хјун, научен соработник за прашања од меѓународната безбедност во Институтот Сеџонг во Сеул вели дека Северна Кореја треба да покаже поголема искреност доколку сака да разговара со САД:

„Северна Кореја треба да преземе одредени позитивни мерки, наместо само да издава соопштенија. На пример, треба да преземе иницијатива да ги покани САД на разговори за двете американски новинарки осудени на затвор и робија во Северна Кореја – предлог што Вашингтон тешко би го одбил“, смета Санг-хјун.

XS
SM
MD
LG