Астронаутите од американското вселенско летало Ендевор со петто, шестчасовно излегување во вселената ја завршуваат мисијата на Меѓународната вселенска станица (МВС). Задачата на Том Маршбурн и Крис Касиди е да инсталираат две камери на јапонската лабораторија Кибо што е дел од Станицата, да ја заменат инсталацијата на два жироскопа и да ја поправат изолацијата на роботската рака.
Екипажот на Ендевор работеше на доопремување на Станицата за време на мисијата што трае веќе преку две недели. Ендевор беше лансиран на 15-ту јули по неколку одлагања од технички причини и неповолни временски услови. Со соединувањето на Ендевор со Станицата, бројот на астронаути што истовремено престојувале на неа нарасна на рекордно ниво – 13-мина.
Мисијата на Ендевор наиде на мали проблеми во саботата, кога прочистувачот на воздух на Станицата прегоре прекинувач и прекина да работи. Контролата на летот успеа да го реактивира, и сега тој работи, но мануелно. НАСА планира да испрати нов прочистувач на воздухот на следната спејс-шатл мисија, закажана за август.
Ако се` оди според планот, Ендевор ќе се одвои од МВС во вторник, а ќе слета на Вселенскиот центар Кенеди во Флорида во петок.