Линкови за пристапност

САД вршат дипломатски притисок за мир на Блискиот Исток


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс по средбата понеделникот во Јордан со кралот Абдула го предупреди Иран дека САД ќе извршат притисок за построги санкции доколку официјален Техеран не одговори на понудата на Вашингтон да разговараат за иранската нуклеарна програма. Претходно истиот ден, Гејтс престојуваше во Ерусалим, каде каде со израелскиот државен врв разговараше за иранските нуклеарни амбиции.

По средбата со Гејтс, израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак рече дека за Израел сите опции се на масата, но додаде дека во моментов треба да се даде приоритет на дипломатијата.

Во регионот е и американскиот пратеник за Блискиот Исток Џорџ Мичел. Тој во понеделникот се сретна со израелскиот претседател Шимон Перес. Мичел ја пофали израелската влада поради тоа што вовела мерки што ја олесниле слободата на движење на Палестинците во окупираниот Западен Брег.

Претходно истиот ден, Мичел се сретна со египетскиот претседател Хосни Мубарак во Каиро. Мичел кажа дека побарал од арапските лидери да преземат уникатни чекори кон нормализирање на односите со Израел.

Мичел во неделата се сретна со сирискиот претседател Башар Ал-Асад во Дамаск. Американскиот пратеник кажа дека не бара од ниту една арапска држава да постигне целосна нормализација на односите со Израел во овој момент, бидејќи до таков чекор би можело да дојде подоцна во процесот. Наредна станица на Мичел е Западниот Брег, каде ќе разговара со претседателот на Палестинската управа Махмуд Абаз. Во вторник тој ќе се сретне и со изралскиот премиер Бенџамин Нетанјаху.

Неделава за Блискиот Исток ќе замине и американскиот советник за национална безбедност Џејмс Џонс. Тој е на чело на делегација која ќе ги посети Израел и Западниот Брег, а треба да пристигне во регионот во вторник.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Хасан Кашави на прес-конференција во понеделникот реагираше на американскиот коментар за иранската нуклеарна програма. Кашави рече дека нуклеарното оружје не се поклопува со иранскиот план за одбрана и кажа дека Блискиот Исток би бил стабилен и сигурен доколку САД извршат притисок врз Израел да се разоружа.

XS
SM
MD
LG