Вашингтон се надева дека Иран навремено ќе одговори на дипломатската понуда за разговори за својата нуклеарна програма, уште пред почетокот на Генералното собрание на ОН во септември, рече американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс. Тој ова го кажа во Израел, каде со државниот врв на земјата разговара за иранските нуклеарни амбиции.
По средбата со Гејтс, израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак рече дека за Израел сите опции се на масата, со тоа укажувајќи дека како можност останува и армискиот напад. Па сепак, Барак рече дека во моментов треба да се даде приоритет на дипломатијата.
Гејтс во Израел ќе се сретне и со израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху. Американскиот пратеник за Блискиот Исток Џорџ Мичел, пак, се сретна со Барак во неделата, а во вторник со Нетанјаху. Гејтс и Мичел се на одвоени посети на Блискиот Исток во рамки на американскиот притисок за постигнување на мир во регионот.
Мичел во неделата ја посети и Сирија, каде кажа дека претседателот Барак Обама е определен да помогне за сеопфатен мир меѓу Израел и сите негови арапски соседи. За американскиот дипломат, обновувањето на мировните преговори меѓу Сирија и Израел е „блискорочна цел“. Сирија ги прекина преговорите откако Израел започна армиска офанзива против палестинската милитантна група Хамас минатиот декември.
Мичел во понеделник престојува во Египет, каде со претсдателот Хосни Мубарак ќе разговара за запрениот блискоисточен мировен процес. Потоа ќе замине за Западниот Брег, каде ќе се сретне со претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас. На дневен ред на Мичел е и да изврши притисок врз Израел да запре со ширењето на еврејските населби на Западниот Брег и спорниот источен дел на Ерусалим. Израел ги отфрли американските барања за прекин на изградбата на населбите, што ги загорчи билатералните односи. Но, премиерот Нетанјаху не дава големо значење на несогласувањето.
Неделава за Блискиот Исток ќе замине и американскиот советник за национална безбедност Џејмс Џонс. Тој е на чело на делегација која ќе ги посети Израел и Западниот Брег, а треба да пристигне во регионот во вторник.