Линкови за пристапност

Тинејџерките во САД под притисок од сите страни да успеат во животот


Од денешните девојки во САД се очекува да бидат успешни на академски план, да бидат спортски типови, а истовремено и да изгледаат како модели. Тоа става голем број од нив во ризик од агресивно однесување, нарушување на исхраната, проблеми со депресија, па дури и обиди за самоубиства, вели психологот Стивен Хиншоу, кој за овој проблем говори во својата најнова книга, „Тројна стега“.

„Како прво, девојчињата и натаму се воспитуваат еден ден како мајки првенствено да се грижат за подмладокот. Како второ, од нив се очекува да бидат крајно компетитивни, за да добијат спортски стипендии и да забележат несекојдневен академски успех. Како трето, постои притисок да бидат неуморливо перфектни“, вели Хиншоу.

Психологот додава дека од многу аспекти, денешното време е најдоброто во историјата да се биде тинејџер, но истовремено е и најлошото. Разновидните притисоци, објаснува тој, чинат девојките да се поподложни на сериозни ментални проблеми.

„Една на секои четири девојки во САД на 19-годишна возраст искусила најмалку една поголема депресија во животот, обид за самоубиство, нарушување на исхраната или самите си нанеле физичка повреда“, наведува Хиншоу.

Таквиот вид на притисок, според Хиншоу, ја одзема вистинската задача на адолесцентниот период - формирање на оригинален идентитет. Тој смета дека притисокот за перфекција е причината што многу од девојките стануваат се` поагресивни.

„Со зголемениот број на можности за спортски активности, девојките уште од рана возраст учат физички да ги користат своите тела, што е одлично од многу аспекти. Но, насилството меѓу нив, борбите за момчиња, за статус, користење на остри зборови и слично, придонесуваат последнава деценија да се јави високо ниво на агресија кај нив“, коментира Хиншоу.

Психологот во книгата раскажува за вистински случаи на девојки кои станале жртви на “тројната стега“ и ги наведува раните знаци дека притисокот врз нив е преголем.

Доколку родителите забележат траги од самоповредување по телото, како на пример исеченици и изгоретини скриени под облеката, тоа е вистинска причина за загриженост. Хиншоу вели дека ваквото самодеструктивно однесување е начин на изразување на длабока, внатрешна болка, кога за тоа не постојат зборови.

„Доколку тоа не е повремено лошо расположение или осцилации во расположението, туку се работи за сериозно губење на интерес за она што претходно ги правело среќни, ако забележите големи промени во однесувањето со семејството и пријателите, како и мотивацијата - сето тоа може да биде вистински знак за депресија. Ако вашето дете е опседнато со тоа како изгледа и колку килограми има, ве повикувам да обрнете внимание“, вели Хиншоу.

Хиншоу подвлекува дека родителите имаат клучна улога во справувањето со „тројната стега“ и затоа бара да посветат поголем дел од слободното време разговарајќи со своите деца на теми како штетноста на дрогата или депресијата. Вистински момент за тоа се семејните ручеци или вечери, вели Хеншоу. Меѓу останатите теми за разговор, психологот ги предлага она за што се зборува во медиумите, како и тоа дали сите девојки, дури и помладите, мора да изгледаат како супер-модели?

Хиншоу смета дека можеби најважниот начин за справување со “тројната стега“ е промоција на поголемо чувство на посветеност, чувство на подлабока смисла на живеењето и активности од полза на заедницата во која се живее, еден вид на поврзување со средината, а не само притисок да се „успее“ и да се биде „совршен“. Психологот смета дека со помош на родителите, девојките ќе можат најдобро да ги искористат можностите на денешницата додека учат да живеат поздрав, пореален и побалансиран живот.

XS
SM
MD
LG