Линкови за пристапност

Во анти-корупциска акција  во Њујорк и Њу Џерси уапсени преку 40 политичари и рабини


Федералните истражители во Њу Џерси во четвртокот соопштија дека уапсиле преку 40 лица, вклучувајќи јавни лица, под обвинение за корупција. Обвиненијата против другите уапсени лица се однесуваат на меѓународно перење на пари, продажба на фалсификувани производи, како и продажба на човечки органи на црно.

Како дополнение на тројца градоначалници, властите уапсија и петорица влијателни рабини од Њујорк и Њу Џерси.

Вршителот на должноста американски обвинител, Ралф Мара, изјави: „Тие користеле наводни добротворни организации, ентитети за хуманитарни цели, како средства за перење на милиони долари во незаконски фондови. Се работи за меѓународна мрежа за перење пари во која биле вклучени градовите Дил во Њу Џерси, Бруклин, Њујорк, Израел и Швајцарија.

Рабините се обвинети дека ги користеле нивните добротворни организации за перење на околу три милиони долари, со нивно пренесување од наводни незаконски активности преку банкарските сметки на добротворните организции. Според Еф-Би-Ај, рабините по овие трансакции задржувале 10 проценти за себе.

Сите уапсени рабини се од тесно поврзани и богати еврејски заедници во јужниот дел на Њу Џерси и Бруклин. Еден од уапсените е и влијателниот рабин Сол Касин од голема синагога во Бруклин, кој е автор и на неколку книги за еврејско право.

Членовите на еврејската заедница се шокирани и изразиле неверување за наводите против рабинот Касин. Многумина не сакаа јавно да коментираат.

Агентот на Еф-Би-Ај, Вејсан Дан, вели дека владината акција имала за цел да ја искорени корупцијата во Њу Џерси, каде и да постои.

„Овој случај не се однесува на политиката. Секако не е поврзан со религијата. Се работи за криминал, корупција и ароганција. Се работи за шокантното изневерување на јавната доверба“, вели Дан.

Федералното Истражно Биро додава дека двегодишната акција е дел од пошироката истрага за корупцијата во политиката и перењето на пари што започна уште пред 10 години.

XS
SM
MD
LG