Македонија има уште два месеци да ги заврши преостанатите обврски што се однесуваат до критериумите за добивање на датум за преговори со ЕУ, порача еврокомесарот за проширување Оли Рен за време посетата на Скопје.
На прес-конференцијата по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, Рен истакна дека ЕК ќе биде реална во оценувањето на постигнатиот напредок во извештајот во октомври. Рен е имресиониран од квалитетот на реформите што беа неопходни за визна либерализација, додавајќи дека листата на она што треба да се доработи е покуса.
ЕУ ќе игра фер и нема да поставува нови цели, истакна Рен, посочувајќи дека сепак мора да се завршат обврските во однос на неколку клучни закони, како што се оние за Собранието, за државната администрација и за финансирање на политичките партии, но и да се заокружи имплементацијата на Рамковниот договор.
Во врска со македонско-грчкиот спор за уставното име, еврокомесарот е дециден дека неговото решавање не е клучно за процесот на европска интеграција на Македонија, но сепак нагласи дека процедурата е таква што за почеток на такви преговори мора да дадат согласност сите земји-членки на Унијата. Рен упати апел проблемот што побрзо да се затвори, а, како што рече - постои прозорец на можности што треба да се искористи.
Македонскиот премиер истакна дека Македонија продолжува со реформите, сега во судството, државната администрација и за имплементација на Охридскиот договор. Никола Груевски најави дека Владата ќе направи се` Македонија да успее во процесот на евроинтеграција, бидејќи, како што рече, со тоа граѓаните ќе имаат поквалитетен живот.
Рен претходно е сретна со претседателот Ѓорге Иванов и со првиот човек на Собранието Трајко Велјановски, а завршната средба ја имаше со македонскиот Национален совет за евроинтеграции.
Посетата на Скопје е дел од турнејата на Рен низ земјите на Западен Балкан; започна од Белград и Подгорица, преку Скопје, до Сараево.