Линкови за пристапност

Кај мајмуни пронајдена болест налик на СИДА


Долго време се сметаше дека СИВ-вирусот пронајден кај мајмуните, оригиналниот извор на ХИВ-вирусот, е всушност безопасна болест и дека шимпанзата и другите нечовечки примати заразени со СИВ, можат да живеат со децении, без да развијат симптоми на СИДА.

Но научници кои проучувале голема група диви шимпанза во Националниот парк Гомби во Танзанија, велат дека мајмуните инфицирани со СИВ-вирусот, почувствувале симптоми на вирусот ХИВ, односно колапс на имунолошкиот систем, со што се јавила опасност од нивна прерана смрт.

Студијата е предводена од Беатрис Хан, професор по медицина и микробиологија од Универзитетот Алабама во Бирмингем, и специјалист во еволуцијата и генетиката на вирусите поврзани со имунитетот на приматите.

Хан вели дека битно е што и мајмуните можат да заболат од СИДА, исто како и луѓето заразени со вирусот ХИВ-1.

„Шимпанзата се 98 проценти генетски идентични со луѓето. Нивните вируси се тесно поврзани со вирусот ХИВ-1, бидејќи овој вирус е всушност изворот на болеста. Оваа сличност е атрактивна за да се одредат разликите, но тврдењето дека не се разболуваат мајмуните, туку луѓето, повеќе не е точно. И кај мајмуните се регистрирани симптоми на СИДА“, вели Хан.

За потребите на студијата што започнала пред една деценија, научниците набљудувале 94 заразени и незаразени шимпанза. 18 од нив заболеле од СИДА, а седум умреле од болеста.

Научниците откриле дека за шимпанзата заразени со СИВ, постоела 10 до 16 пати поголема веројатност да имаат прерана смрт, споредено со незаразените шимпанза.

Студијата ја изготвил меѓународен конзорциум научници, вклучувајќи ја ветеринарката Карен Терио од Универзитет Илиноис, која работела на патологијата на починатите мајмуни.

Терио вели дека примероците од ткивото на мајмуните, покажале драстично намалување на важните клетки од имунолошкиот систем и биле слични со примероците земени од човек кој починал од СИДА. Терио додава дека токму тоа е изненадувачки факт.

Откритието дека некои мајмуни можат да заболат од СИДА, може да им помогне на научниците да разберат зошто ХИВ-вирусот кај луѓето е многу поагресивна болест, вели Беатрис Хан.

Хан додава дека ова откритие може да води кон изработка на вакцина или третман за ХИВ-вирусот кај луѓето.

Хан изјави и дека таа и нејзините колеги ќе продолжи да ги проучува шимпанзата и другите нечовечки примати заразени со СИВ, за можни симптоми на СИДА.

Студијата е објавена во журналот „Природа“.

XS
SM
MD
LG