Линкови за пристапност

Клинтон го засилува притисокот врз Северна Кореја за нуклеарната програма


Меѓународната заедница е обединета во обидот да ја присили Северна Кореја да ја растури својата нуклеарна програма, рече американската државна секретарка Хилари Клинтон на прес-конференција во четвртокот - завршниот ден на Здружението на јужноазиски земји (АСЕАН) што се одржува во тајландскиот остров Пукет. Клинтон рече и дека „режимот веќе нема пријатели" кои би му помогнале да продолжи со развивање на нуклеарно оружје.


Клинтон најави дека САД и другите земји во шестраните разговори за нуклеарнатата програма на Северна Кореја се подготвени да понудат пакет економски и дипломатски поттици доколку официјален Пјонгјанг се реши на „неповратно" растурање на програмата. Но, таа рече и дека севернокорејската делегација за време на разговорите на АСЕАН не покажала волја да се откаже од програмата.

Член на севернокорејската делегација на АСЕАН ја отфрли понудата на Клинтон како „бесмислена" и кажа дека шестраните разговори завршиле, истовремено цитирајќи го вообичаеното тврдење на севернокорејскиот режим за „длабоко вкоренета непријателска" политика на Вашингтон против Пјонгјанг.

Одвоена изјава, пак, што ја објави севернокорејската државна новинска агенција, содржи невообичаен личен напад врз Клинтон, опишувајќи ја како неинтелигентна и „смешна госпоѓа". Изјавата е реакција на нејзиниот коментар даден претходно неделава, кога ги спореди неодамнешните ракетни тестови на Северна Кореја со однесување на непослушно дете кое сака да привлече внимание.


Во говорот одржан во четвртокот, Клинтон го повика регионалниот блок на АСЕАН да одигра улога во напорите за нуклеарно разоружување ан Северна Кореја, во чии рамки го наведе и спроведувањето на неодамнешните санкции на ОН против Пјонгјанг. Таа кажа дека САД исто така сакаат да соработуваат со АСЕАН на промени во Бурма. Судењата што ги спроведува бурманскиот воен режим против политичките противници, меѓу кои и истакната поборничка за демократија Ан Сан Су Чи, ги засенува можностите изборите во земјата закажани наредната година да доведат до демократија и почитување на човековите права, рече американската државна секретарка. Клинтон изрази загриженост и поради можната продажба на севернокорејска нуклеарна технологија на Бурма, но сепак ја пофали заложбата на бурманската воена влада да се придржува до санкциите на ОН против Северна Кореја.

XS
SM
MD
LG