Линкови за пристапност

Средбата на АСЕАН заврши со ветување на поблиска интеграција


Годишната средба на Здружението на југоисточни азиски држави – АСЕАН и партнерите со кои водат дијалог заврши со заложбата на домаќинот Тајланд за поголема регионална интеграција. Но, на средбата во Пукет беше остварено многу малку во однос на две регионални прашања – Бурма и Северна Кореја.

На крајот од четиридневната средба меѓу АСЕАН и клучните партнери, тајландскиот министер за надворешни работи Касит Пиромија кажа дека делегатите се согласиле за неколку клучни прашања:

„Соработката ќе продолжи да се зголемува со цел АСЕАН поефикасно да одговара на сите предизвици, без оглед дали се работи за економската и финансиска криза, храната, енергетската безбедност и пандемичните заболувања“, изјави Пиромија.

АСЕАН ја поздравил американската заложба за регионот откако државната секретарка Хилари Клинтон потпиша договор за пријателство и соработка, кажа тајландскиот министер.

Касит рече и дека договорот на АСЕАН да формира свое прво тело за заштита на човековите права ќе служи како платформа за нивна промоција и заштита. Телото ќе нема моќ да ги казнува прекршителите на човековите права, но се очекува да развие поголеми овластувања во иднина.

Австралискиот министер за надворешни работи Стивен Смит смета дека многу од 27-те земји на средбата изразиле загриженост за Северна Кореја и Бурма. Првата одбива да преговара за растурање на својата нуклеарна програма. Втората и` суди на познатата поборничка за човекови права Ан Сан Су Чи за наводно кршење на условоте на домашниот притвор, а зад решетки држи над 2.000 политички затвореници.

„Меѓународната заедница врши притисок врз двете држави. Сакаме да видиме одговор од двете страни – Северна Кореја да се вклучи во шестстраните разговори, а властите на Бурма да и` дозволат на Ан Сан Су Чи целосно да учествува во изборниот процес“, рече Смит.

Шефот на кинеската дипломатија Јанг Џиечи истакна дека не треба целосно да се исклучи можноста за продолжување на шестстраниот дијалог со Северна Кореја во кој учествуваат Кина, Јапонија, Русија, Јужна Кореја и САД.

„Иако разговорите наидоа на некои тешкотии, не треба да се игнорира фактот дека во блиското минато беше постигнат голем напредок и затоа треба да работиме на нивно продолжување. Кина е во тесен контакт со сите засегнати страни, затоа што ова е добра и мошне важна кауза“, кажа Џиечи.

Портпаролот на Северна Кореја на средбите на АСЕАН истакна дека разговорите за прекинување на нејзината нуклеарната програма се „мртви“ и го обвини Вашингтон за „непријателска“ политика.

XS
SM
MD
LG