Линкови за пристапност

Обама во ударен вечерен ТВ-термин го бранеше планот за здравствена заштита


Американскиот претседател Барак Обама на прес-конференција во ударен вечерен термин на американската телевизија средата навечер го бранеше својот план за реформа на здравствената заштита, образложувајќи го директно пред Американците и возвраќајќи на забелешките од конгресни претставнци од обете политички партии.

Во услови кога анкетите укажуваат пад на поддршката за реформа на здравствена заштита, Обама тврди дека неговиот план ќе ги намали се` повисоките цени на заштитата – нешто за кое рече дека е клучно за економската обнова на САД и долгорочниот економски растеж. Претседателот аргументираше дека планот нуди повеќе можности за здравствено осигурување и заштита на која може да се потпрат. Секојдневно по 14.000 Американци ќе го губат осигурувањето доколку не се промени сегашниот систем, предупреди Обама.

Тој тврди и дека иницијативата нема да го зголеми државниот дефицит во наредната деценија, со тоа возвраќајќи на загриженоста меѓу малцинските републиканци во Конгресот и некои демократи. Републиканците спорат дека планот практично претставува владино преземање на здравствената индустрија и се против идејата тој да се финансира од зголемени даноци за Американците со високи примања. Тврдат – планот ќе чини далеку повеќе од 1 трилион долари, колку што најавуваат Обама и демократите.

Обама сака обата дома на Конгресот да го усвојат нацрт-законот за здравствена заштита пред да заминат на летен распуст во август. Конгресни претставници од обете партии, пак, најавуваат дека им треба повеќе време да изготват добра верзија на планот.

Обама на прес-конференцијата ја бранеше и одлуката за парична помош на финансиските институции, со објаснување дека тоа било потребно за да се избегне „целосен финансиски распад". Системот сега се стабилизирал, но потребни се нови финансиски регулативи за да се спречи слична криза, оцени првиот човек на САД.

XS
SM
MD
LG