Кина во американскиот Оддел за финансии поседува хартии од вредност во висина од 800 милијарди долари, и со ова е најголемиот кредитор на Вашингтон.
Токму поради ова, кинескиот заменик-министер за финансии, Жу Гуангјао, вели дека Кина е особено заинтересирана за напорите за опоравување на американската економија.
Жу вели дека Кина се залага САД да усвојат „одговорна политика“, со цел да обезбедат основна стабилност на вредноста на доларот, како и заштита на кинескиот имот во САД.
Кинеските претставници на неколкупати изразија загриженост дека американскиот стумулативен пакет помош, можно е да ја подрие вредноста на доларот, со што би се обезвредниле кинеските инвестиции во САД.
Директорот на Американските федерални резерви, Бен Бернанке на неодамнешниот распит во Конгресот истакна дека работи на тоа да се спречи доларот да загуби од вредноста.
Кинескиот заменик-министер за финансии истакна дека неговата земја внимателно ќе ја испита изјавата на Бернанке.
Кинески и американски претставници од понеделник во Вашингтон ќе водат разговори познати како американско-кинески стратешки и економски дијалог.
Американската делегација ќе ја предводат државната секретарка Хилари Клинтон и секретарот на финансии, Тимоти Гајтнер, а Кина ќе ја претставуваат вице-премиерот Ванг Кишан и државниот советник Даи Бингуо.
Кинескиот заменик-министер за надворешни работи, Хе Јафеи, изјави дека обете делегации ќе разговараат и по прашањето за зајакнување на енергетската соработка, но не даде детали. На агендата, според Јафеи, се очекува да се најде и нуклеарната програма на Северна Кореја.