Студијата на Универзитетот Колумбија е првата што ја поврзала изложеноста на загадениот воздух на плодот на мајката и нивото на интелегенцијата на детето во подоцнежниот живот.
Научниците се фокусирале на тоа како загадувачите на воздухот можат да влијаат на мозокот на нероденето бебе во исклучително ризичната фаза од неговиот развој.
„Тоа се случува кога механизмите за одбрана не се доволно зрели и кога имунолошкиот систем не функционира ефикасно“, вели Фредерика Перера од Универзитетот Колумбија, автор на студијата.
Перера додава дека во експериментот биле вклучени 249 деца чии мајки се од афро-американско и доминиканско-американско потекло, кои не пушеле и живееле во Њујорк. Од жените биле побарано да носат подвижни монитори за мерење на квалитетот на воздухот и тоа 48 часа за време на последното тримесечје од нивната бременост. Мониторите го снимиле нивото на хемиски загадувачи, испуштени во воздухот кога се согорени органски супстанции како јаглен, масло, дизел, гас или тутун. Податоците добиени од мониторите потоа се споредуваат со тестовите за интелегенција дадени на децата на тие жени, кога наполниле пет години.
„Просечното намалување на нивото на интелегенција при споредбата на децата кои биле поизложени на загаден воздух и оние кои не биле, е за околу четири поени“, вели Перера.
Перера и нејзините колеги ги зедоа предвид и другите ризични фактори кои влијаат на менталниот развој на децата, вклучувајќи ја и изложеноста на димот од цигари и и на секундарното пушење, потоа тука се и факторите како образованието на мајката и квалитетот на условите во кои живее детето.
Додека студијата ја покажува поврзаноста меѓу загадениот воздух и менталниот развој на детето, експертите велат дека сепак станува збор за релативно мала студија што се однесува на една урбана средина. Роберт Гелер е педијатар-токсиколог и директор на здравствениот Центар за детска животна средина при Универзитетот Емори во Атланта. Гелер вели дека сака да види реплицирање на студијата врз други групи на бремени жени кои живеат во различни услови.
Гелер додава дека треба да се знае повеќе за тоа како загадувачите на воздухот влијаат на развојот на мозокот.
„Треба да знаеме зошто и како оваа изложеност, ако навистина тоа е причината за проблемот, делува на развојот на мозокот кај децата, со цел подобро да реагираме. Засега сметам дека ова е провокативна студија. Од друга страна, таа е важна бидејќи отвара ново прашање на кое претходно не сме обрнале внимание. Сепак, мислам дека не треба да се крева многу прав по овие сознанија“, вели Гелер.
Во меѓувреме, д-р Фредерика Перера и нејзините колеги од Универзитетот Колумбија, велат дека планираат и натаму да работат на оваа тема и да го следат интелектуалниот развој на децата од студијата.