Претседателот Обама го поздрави гласањето во Сенатот за запирање на производството на борбените авиони од типот Еф-22.
Сенатот гласаше со 58-40 во корист на отстранување на
1,75 милијарди во предлог-буџетот за одбраната тежок 680 милијарди долари, што требаше да бидат потрошени за производство на седум авиони Еф-22 Рапторс. Обама се закани дека ќе стави вето на законот ако не се отстрани сумата за овие авиони.
Од Белата куќа, претседателот рече дека го отфрла предлогот владата залудно да потроши милијарди долари од даночните обврзници за „застарени и непотребни“ одбранбени проекти за безбедноста на земјата.
Тој рече дека трошењето за дополнителни борбени авиони би било „неоправдано губење на пари“.
Авионите од типот Стелт не се користат во мисиите во Авганистан и во Ирак.
Некои законодавци се противеа на отстранувањето на додавката за производство на ваков тип на авиони со образложение дека ќе бидат загубени работни места во одбранбениот сектор.