Линкови за пристапност

Недостаток на витамин Д – причина за болести, меѓу кои и рак


Здравите коски зависат од витаминот Д, според Амбриш Митал, од Индиското здружение за истражување на коски и минерали.

„Витаминот Д го апсорбира калциумот во нашето тело и помага да дојде до коските. Недостатокот на витаминот Д резултира со слаби, меки коски кои лесно се кршат.

Да се земе доволна количина на витамин Д, треба да биде релативно едноставно, преку сонцето. Телото создава витамин Д под влијание на ултравиолетовите зраци.

Но, некои од најсончевите региони во светот имаат најголемо ниво на недостаток на витамин Д. Ова се резултатите од најновото истражување на Меѓународната фондација за остеопороза, кое било изведено во изминативе три децении.

Митал е ко-автор на извештајот:

„Недостатокот на витаминот Д е глобален феномен. Но, одредени делови во светот се изложени на огромен недостаток на овој витамин, на пример, Индија во Јужна Азија и Либан, на Блискиот Исток“, вели Митал.

„Луѓето кои живеат поблизу до екваторот се помалку подложни на недостиг на витамин Д, но има случаи кога ова може да биде засенето од други фактори, како пигментација на кожата, помалку активности на отворено и помала изложеност на кожата на сонце“, вели Митал.

Експертот за витамин Д, Мајкл Холик од Медицинскиот центар при Универзитетот Бостон, објаснува зошто луѓето со потемен тен генерално имаат помало ниво на витаминот Д, споредено со луѓето со посветла боја на кожата, иако сите живеат во иста земја.

„Главната причина е меланинот, кој ја штити кожата од преголема изложеност на сонце, а кој истовремено спречува да се произведе витаминот Д“, вели Холик.

Гада Ел-Хаџ Фулеиан е исто така ко-автор на студијата. Тој објаснува како луѓето на Блискиот Исток може да бидат на отворено, а да не апсорбираат доволно витамин Д.

„Во овие блискоисточни земји, луѓето имаат конзервативен стил на облекување, а со модернизацијата, жените кои не го следат овој стил, користат заштитна крема“, вели Фулеиан.

Холик додава дека неодамнешните медицински пронајдоци покажуваат дека недостатокот на витаминот Д може дае многу поопасно отколку што се претпоставувало.

„Она на што до измината деценија не сме обрнувале внимание, е важноста на витаминот Д за намалување на ризикот од појава на многу хронични заболувања, како дијабетис од тип еден, мултиплексна склероза, ревматски артритис, па се` до инфективни болести како туберколоза и грип, намалување на ризикот од срцев удар, мозочен удар и што е најважно, намалување на ризикот од појава на рак“, вели овој експерт.

Некои луѓе можат да го подобрат нивото на витаминот Д во нивниот организам преку храната, но за некои, според Холик, тоа не е доволно.

„На децата веројатно им требаат илјада единици на витаминот Д дневно. Тинејџерите и возрасните имаат потреба од две илјади единици од витаминот Д и многупати само со храната, не може да го внесете потребното количество на овој витамин“, вели Холик.

Затоа, експертите сега препорачуваат минување повеќе време на сонце, а оние лица кои се повеќе на затворено, треба да земаат додаток на витаминот Д.

XS
SM
MD
LG