Линкови за пристапност

Почина Волтер Кронкајт - „човекот на кого Америка најмногу му веруваше“


Волтер Кронкајт, телевизиски новинар кој беше нарекуван „човек на кого најмногу му се верува во Америка“ почина по долго боледување во петокот, на возраст од 92 години. Кронкајт ги информираше Американците за големите настани од втората половина на 20от век.

Волтер Кронкајт бил роден во сојузната држава Мисури, во 1916. По завршување на студиите на Универзитетот во Тексас се вработил како новинар во весник во Хјустон. Направил име како известувач од бојно поле за Јунајтид Прес во Европа и во Северна Африка за време на Втората светска војна. По војната ги покривал Нирнбершките судски постапки за воени кривични дела, а потоа две години служел како шеф на бирото на Јунајтид Прес во Москва.

Во 1950, друга легендарна фигура во американското новинарство, Едвард Муроу, го вработил Кронкајт за СиБиЕс. Во 1962, Кронкајт ја презел улогата на водител во главната емисија на СиБиЕс, Вечерните вести.

Во ноември 1963, Кронкајт ги информира Американците за атентатот извршен врз претседателот Џон Ф. Кенеди.

Гледачите беа залепени до телевизорите чекајќи на нови детали за смртта на претседателот за што известуваше Кронкајт со смирен тон во време на национална траума.

Четири ипол години подоцна тој ја информираше неговата публика за атентатот на друг водечки Американец.

„Добра вечер. Доктор Мартин Лутер Кинг, апостолот на не-насилство во движењето за граѓански права, е смртно застрелан во Мемфис, Тенеси“, рече тогаш Кронкајт.

Во време кога на американската телевизија доминираа само три мрежи, Волтер Кронкајт и неговата вечерна емисија станаа број еден според гледаност. Проектирајќи имиџ на уверливост и искреност, тој служеше како водител на вестите 19 години. Гледачите му дадоа име „човекот на кого во Америка најмногу му се верува“. Неговата одјава со зборовите „и така стојат работите“ стана препознатлива фраза.

Во текот на неговата водителска кариера на телевизијата Кронкајт ја покривал Кубанската ракетна криза, Виетнамската војна, скандалот Вотергејт и иранската заложничка криза. Тој продуцирал новински документарци и водел специјални емисии по повод важни настани, како лансирање на вселенски летала, политички конвенции, избори и претседателски инаугурации.

Во 1981 се пензионирал од мрежата СиБиЕс на 65 години, но продолжил повремено да се појавува како специјален известувач.

Многуте обожуватели на Кронкајт велат дека тој поставил високи стандарди за објективност и баланс во телевизиската новинска индустрија.

XS
SM
MD
LG