Линкови за пристапност

Борбен авион на НАТО се урна  кај авганистанска воздухопловна база


Армиски претставници во Кабул велат дека борбен авион на НАТО се урнал во близина на најголемата база на НАТО во јужен Авганистан, при што биле повредени двајцата пилоти. Официјални лица на НАТО велат дека авионот се урнал утрината во 7:20 по локално време, кај воздухопловната база во Кандахар. Официјални лица велат дека пилотите биле пренесени во воената болница во базата. Никој друг не бил повреден.

Уривањето доаѓа еден ден откако цивилен хеликоптер се урна кај истата база, убивајќи 16 лица.

Нема индикации дека причина за уривањето била активност на бунтовниците.

Во друг развој, британското Министерство за одбрана вели дека британски војник во неделата бил убиен во експлозија во јужната провинција Хелманд.

Во западната провинција Фарах, според авганистански претставници, во експлозија на бомба загинале 11 лица и ранети најмалку две други.

Исто така во неделата, германските сили убиле најмалку двајца авганистански цивили во северната провинција Кундуз откако тие отвориле оган на возило што се приближувало со голема брзина.


Американски армиски претставници во неделата го осудија објавувањето на видео снимка од страна на Талебан на која е прикажан киднапиран американски војник. Официјални лица кажаа дека дека користењето на војникот за пропагандни цели е „против меѓународното право".


Бунтовници на Талебан го објавија 28-минутното видео на веб-страница во саботата. На видеото се гледа американскиот војник кој исчезна од неговата база на 30 јуни.

Американски официјални лица го идентификуваа војникот како 23-годишниот Бов Бергдал од сојузната држава Ајдахо и велат дека американската армија прави се што може за негово безбедно враќање.

XS
SM
MD
LG