Линкови за пристапност

Обама и демократи во Конгресот вршат притисок за реформа на здравствената заштита


Деновиве во Сенатската комисија за здравство, образование, труд и пензии и во Претставничкиот дом беа изгласани верзии на нацрт-законот за реформа на здравствената заштита во САД. Обете верзии налагаат сите Американци да имаат здравствено осигурување.

Со тоа Конгресот е чекор поблизу до реформирање на системот на здравствена заштита во САД. Сенатската комисија за здравство усвои своја верзија на предлог-закон на оваа тема. Тоа беше победа за еден од иницијаторите, демократскиот сенатор Кристофер Дод.

“Сметаме дека овој закон ќе го зголеми пристапот до задрвствената заштита, ќе ги намали индивидуалните трошоци и ќе го подобри квалитетот на здравствена заштита во земјата“, изјави Дод.

Во висина од 600 милијарди долари, таканаречениот „Акт за достапен здравствен избор“ ќе налага повеќето компании да обезбедат здравствено осигурување за своите вработени.

Републиканскиот сенатор Мајкл Ензи предупреди дека ова е партиски закон што ќе предизвика повеќе штета отколку добро.

“Ова ќе биде најлибералниот закон што оваа земја досега го видела и може да причини работи што никогаш не ќе може да ги поправиме“, тврди Ензи.

Ден пред да биде усвоена сенатската, група членови на Претставничкиот дом усвои своја веризја на нацрт-законот. Обете налагаат Американците да купат здравствено осигурување и нудат попуст за оние кои досега тоа не можеа да си го дозволат. Верзиите предвидуваат и основање на владино здравствено осигурување, што би било конкурентно на приватното. Исто така, осигурителните компании не ќе може да одбијат здравствена заштита на луѓе со болести што ги добиле пред да се осигураат, како Џорџијана Екман, која е дијабетичар и мака мачи да ги покрие трошоците за здравствена заштита.

„Не само што не можат да се издржувам самата, туку и не знам како ќе обезбедам лекови за утре“, вели оваа Американка.

Критичарите прашуваат од каде владата ќе најде пари за новиот систем. Верзијата на Претставничкиот дом би чинела 1 трилион долари, а Домот предлага парите да дојдат од поголемо оданочување на Американците со високи примања.

Многумина републиканци, како конгресменот Рој Блант, се енергично против мерката.

„Ова мерка без сомнение ќе затвори работни места, ќе го ограничи пристапот до здравствена заштита, ќе ги зголеми даноците и ќе доведе до владино преземање на здравствената заштита“, тврди Блант.

Претседателот Обама врши притисок Конгресот да усвои конечна верзија на законот. Тој и демократите се надеваат законот да стане реалност до октомври годинава.

XS
SM
MD
LG