Поранешниот ирански претседател Акбар Хашеми Рафсанџани во петокот одржа жестока проповед, критикувајќи го државниот врв за акцијата против поизборните протести.
Влијателното свештено лице кажа дека мора да се почитува волјата на народот, како и дека многумина Иранци имаат „сомневања“ во врска со оспорените претседателски избори од минатиот месец. Тој воедно побара да бидат ослободени притворените опозициони симпатизери.
Поразениот претседателски кандидат и опозиционен водач Мир Хусеин Мусави присуствуваше на проповедта и молитвата на Техеранскиот универзитет.
Илјадници опозициони демонстранти одржаа протест пред универзитетот. Сведоци велат дека полицијата употребила солзавец и палки за да ги растера.
Телецизијата „Ал Арабија“ јави дека одговорните во Иранската корпорација за емитување на програма биле предупредени да не ја пренесуваат проповедта на Рафсанџани и да не снимаат колкав број на присутни имало. Проповедта беше пренесувана на Иранското радио, додека Иранската телевизија се фокусираше на говорот што ден претходно го одржа претседателот Махмуд Ахмадинеџад.