Линкови за пристапност

Постарите невработени во САД потешко доаѓаат до работа


Во услови на највисоко ниво на невработеност во последниве 25 години, постарите лица во САД велат дека се` потешко ноѓаат работа заради конкуренцијата од помладата работна сила. Според Бирото за трудова статистика, работниците на возраст над 45 години остануваат подолго без работа – околу 22 недели, споредено со 16 недели кај помладите.

Без работа повеќе од две години, 55-годишниот Ричард Залева вели дека неговото професионално резиме можеби ги отвора вратите за работни понуди, но дека неговата седа коса ги подзатвора.

„Бев повикан на разговор за работа и случајно наслушнав дека човекот кој ме пречека, на својот претпоставен ме претстави како - постар кандидат со седа коса со кого ќе мора да разговараме", вели Залева.

Залева не е сам во ваквото тврдење. Сузана Розенди, специјалист-графичар, која е на 41-годишна возраст, дури вели дека некои работодавци не се ни обидуваат да ги сокријат предрасудите.

„Еден ми кажа не сакаат задоволни лица на средни години, дека имаат потреба од млади и гладни. Му одговорив - јас сум млада во срцето, а и мошне гладна!", раскажува Розенди.

И покрај тоа што е подготвен да работи за помалку отколку што претходно заработувал, 55-годишниот Ален Маг бил шокиран кога работодавците му кажале дека е преквалификуван за местото. Тој алегорично прашува: „Ако сакате да купите Шевролет, а за истата цена некој ви понуди Кадилак, зарем не би го купиле?"

„Еј-Еј-Ар-Пи", организација за заштита на правата на Американците над 50-годишна возраст, тврди дека дискриминацијата базирана на старосната граница е во подем.

Според владиниот Оддел за труд, невработеноста меѓу лица на возраст над 45 години во март ја достигнала бројката од 6,4 проценти. Ова е највисоко ниво од 1948-ма година, кога владата започнала да ги следи трендовите во врска со вработувањето.

XS
SM
MD
LG