Линкови за пристапност

Обама ја подвлекува „итноста“ во заокружување на реформата на здравствена заштита


Американскиот претседател Барак Обама го поздрави сенатското усвојување на легислатива за реформа на здравствена заштита и кажа дека потегот треба да му даде на Конгресот чувство за „итност" да ја заврши работата на оваа тема пред летниот распуст во август.

Обама кажа дека предлогот што го одобри Сенатската комисија за здравство, образование, труд и пензии во средата е сличен на оној подготвен во Претставничкиот дом, како и дека би им дал на Американците квалитетна и достапна здравствена заштита. Според Обама, предлогот ќе ги намали трошоците, ќе ја прошири заштитата и ќе го зголеми изборот. Претседателот ја смета реформата на здравствената заштита за едно од најважните прашања на домашен план.

Во вторникот, демократите во Претставничкиот дом изложија своја верзија на реформата на легислативата за здравствена заштита, што вклучува план за осигурување со кој би управувала владата и што би конкурирал на приватните пружачи на осигурување. Планот повикува на зголемување на даноците за оние со високи примања, што предизвика гневна реакција на критичарите – фискални конзервативци. Републиканскиот конгресмен Рој Блант кажа дека планот ќе затвори работни места, ќе го ограничи пристапот кон здравствена заштита и ќе доведе до „владино преземање на здравствената заштита".

Контроверзата за проширувањето на здравствената заштита, за да ги опфати оние Американци кои во моментот се неосигурани, се сведува на тоа кој ќе плати за истото – проценките се дека тоа би чинело еден трилион долари во наредните 10 години.

XS
SM
MD
LG