Линкови за пристапност

Клинтон:  САД и натаму сакаат да се ангажираат со Иран, но можноста не е бесконечно отворена


Американската државна секретарка Хилари Клинтон рече дека САД остануваат подготвени да се ангажираат со Иран, но предупреди дека можноста „нема да да биде отворена бесконечно".

Во еден од главните говори за надворешната политика последниве месеци, Клинтон во Советот за надворешни работи кажа дека сега е време Иран да реагира. Првиот човек на американската дипломатија коментираше дека САД „со големо воодушевување" гледале на динамиката на изборите во Иран, меѓутоа „се запрепастени" од насилната пресметка против оние кои демонстрираа против оспорениот реизбор на претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Клинтон додаде дека иранската влада се обидела да ги сокрие своите постапки преку апсење на странски државјани, протерување на новинари и забранување на пристап до комуникациски технологии. Таа овие акции постапки ги окарактеризира како „бедни и неприфатливи".

Клинтон кажа и дека одбивањето на САД во минатото да се ангажираат со Иран не успеало да го сопре официјален Техеран во обидот да дојде до нуклеарно оружје, да ја намали иранската поддршка за тероризмот, ниту пак да го подобри иранскиот третман кон сопствените граѓани. Таа рече дека Иран може да стане „конструктивен чинител" во регионот доколку прекине со заканите кон соседите и поддршката за тероризмот.

САД немаат илузии дека директниот дијалог со Иран ќе гарантира успех, кажа Клинтон.

Во однос на Блискиот Исток, американската државна секретарка подвлече дека владата е длабоко посветена на мировните напори меѓу Израелците и Плаестинците, како и дека САД очекуваат целиот регион да помогне во напорите и да покаже дека навистина поддржува решение со постоење на палестинска држава покрај Израел. Клинтон кажа дека е охрабрена од најновиот развој на настаните последниве месеци.

Успехот во Авганистан, пак, според Клинтон зависи од блиската соработка со Пакистан. Таа рече дека на американската безбедност и просперитет се одразуваат бројни надворешнополитички прашања, како војните во Авганистан и Ирак, глобалната рецесија, климатските промени и заканите од екстремизам и ширење на нуклеарното оружје.

XS
SM
MD
LG