Линкови за пристапност

Вештачки панкреас - надеж за полесен живот за дијабетичарите


Светската здравствена организација проценува дека преку 180 милиони луѓе боледуваат од дијабетис и дека за 20 години бројката може да се удвои. Многумина дијабетичари мораат секојдневно да го контролираат нивото на шеќер во крвта и да примаат инсулин, што е макотрпна задача. Нова направа наречена вештачки панкреас нуди надеж да им го поедностави животот.

14-годишната Сара Карлов има дијабетис – факт што не може да го занемари.

„Во просек, го проверувам нивото на шеќер десетпати дневно, па и повеќе. Го проверувам пред доручек, ручек и вечера. Морам да го проверам пред да спортувам, а треба да водам сметка и за тоа колку јагленохидрати внесувам", раскажува Карлов.

Следејќи ја количината на јаглерохидрати во исхраната, Сара знае точно колку инсулин треба да внесе во телото.

Неодамна почнала да употребува вештачки панкреас што ја врши работата за неа.

„Да не се грижам секој ден, секоја минута, секој час за тоа колкаво е нивото на шеќер во крвта – тоа значи дека би можела да живеам како порано, што е феноменално", вели таа со возбуда.

Сара е една од 17-те младинци со дијабетис од "тип еден" кои почнале да користат вештачки панкреас добиен од Детската болница Јеил-Њу Хевен од американската сојузна држава Конетикат. Направата користи сензор за следење на нивото на гликоза и пумпа која дистрибуира точна количина на потребниот инсулин.

Д-р Стјуарт Вајнзајмер, кој работи во болницата, смета дека вештачкиот панкреас има широк потенцијал и за другите дијабетичари: „Би можел да биде од корист на сите кои боледуваат од дијабетис, од `тип еден`, од `тип два`, на сите на кои им треба инсулин.

Експертите предочуваат дека како превентивна мерка, инсулинот преку вештачкиот панкреас се дава само по претходно одобрение од лекар. Вештачкиот панкреас може да го одржува потребното ниво на шеќер во крвта до 16 часа дневно.

XS
SM
MD
LG