„Носам добри вести“ - со оваа порака високиот европски претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана во вторникот пристигна во Скопје, во рамки на прошталната турнеја низ Западен Балкан, пред најавеното заминување од функцијата наесен.
Добрите вести на Солана се однесуваат на одлуката за визна либерализација за македонските граѓани, што в среда ќе ја соопшти еврокомесарот за проширување Оли Рен во Брисел.
„Знам дека визната либерализација е важно прашање. Мислам дека тоа, без сомнение, не` прави блиски, што, на крајот на краиштата, е најзначајно:граѓаните на вашата земја да станат што е можно поблиски со ЕУ“, изјави Солана на прес-конференција по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.
Солана рече дека е задоволен од напредокот на Македонија, особено во справувањето со економската криза, на, како што го нарече, интелигентен начин.Задоволен е и од спроведувањето на Рамковниот договор, каде треба да се имплементираат уште неколку закони поврзани со правичната застапеност во јавната администрација.
За спорот со Грција за уставното име, високиот европски претставник смета дека постои ентузијазам и добра волја за негово решавање.
„Мислам дека сега е шансата и побарав од премиерот да не дозволи оваа шанса да се испушти“, истакна Солана, алудирајќи на последните измени во предлогот на посредникот Метју Нимиц, што минатата недела им беа презентирани на властите во Скопје и во Атина.
„Понекогаш се случува распоредот на параметрите во планетарниот систем да биде таков што ќе помогне да се решат проблемите. Мислам дека сме во таква ситуација“, кажа Солана.
Одговорот на прашањето – дали Грција ќе ја почитува одлуката за визна либерализација, Солана упати да се побара кај еврокомесарот за проширување Оли Рен кој следната недела ќе дојде во Македонија.
Премиерот Груевски ја оцени средбата со Солана како пријателска и корисна и му се заблагодари како на докажан поддржувач на македонските напори за добивање на датум за преговори за членство во ЕУ.
Наредна станица на Солана е Приштина, а в среда ќе ја посети Подгорица