Преку иницијатива на Американската фудбалска фондација, деца од сиромашни среднини ширум светот на подарок добиваат спортска опрема. Фондацијата се надева дека ова ќе им помогне да развијат самодоверба и да живеат здраво.
Во дворот на Основното училиште Линбрук во предградие на Вашингтон, деца на возраст од 6 до 17 години секој понеделник попладне се собираат за да играат фудбал.Активноста е во рамки на програмата на локалната полиција на општината Феарфакс за развивање односи со локалната заедница.
Тие се возбудени поради специјалната пратка – бесплатна опрема за фудбал. 12-годишниот Карлос Круз добил копачки
„Не купив копачки бидејќи немав пари.Тука играм фудбал веќе два месеца“, раскажува Карлос.
11-годишната Синтија Самаха коментира дека добиените штитници се како по нејзина мерка.
„Имав среќа.Некој денес можеби нема ништо да добие.Навистина имав среќа што добив нешто“, размислува Синтија.
Подароците за Карлос и Синтија ги овозможи иницијативата „Пасбек“ на Американската фудбалска фондација, со која нова и употребена опрема се доделува на оние на кои им е најпотребна.Во Фондацијата велат дека досега собрале и разделиле преку половина милион парчиња опрема.
„Опремата е наменета за сиромашни заедници во САД и ширум светот.Неодамна испративме опрема во Виетнам, Хаити, Јужна Африка - секаде каде ќе биде побарана помош“ вели Сара Пикенс, координатор на иницијативата.
Досега е доделена опрема во над 110 земји ширум светот.Тоа го овозможиле стотици волонтери и партнери во текот на 10-те години колку што досега трае иницијативата.