Конституиран новиот состав на ЕП.На пленарната седница која започна утрово во Стразбург, запретседател е избран Полјакот Јежи Бузек од Европската народна партија. За прв пат во историјата на Парламентот, на највисоката функција се назначува политичар од поранешниот комунистички блок.
Вкупниот број на европарламентарци изнесува 736.Речиси половина од нив се нови, додека другата половина се веќе добро познати на јавноста.Меѓу нив остануваат и пријателите на Македонија како Јелко Кацин и Дорис Пак.
По јунските избори, најмоќна група во Парламентот останува демохристијанската политичка опција.Потоа следат социјалистите, либералите и зелените.
Најголемото изненадување е тоа што европратениците одлучија гласањето за претседателот на ЕК да го одложат за два месеца.Иако досегашниот прв човек на ЕК Жозе Мануел Баросо ја ужива поддршката на 27те влади на ЕУ, во ЕП тој наиде на сериозен отпор од страна на социјалистите и на зелените, кои порачаа дека немаат целосна доверба во него и дека ќе почекаат до септември да видат што има да понуди.
Се очекува ЕП во овој мандат да добие поголеми ингеренции од оние што ги имаше досега. Тоа му следува согласно Лисабонскиот договор за чија судбина треба да одлучат Ирците на референдумот закажан за наесен.
Неделава ЕП ќе ги бира и претседателите на комисиите и групите. Се` уште е неизвесно кој ќе раководи со парлементарните тела кои го следат досието за интергационите процеси на Македонија.