Здравствената сосотојба на Ким Џонг-ил постојано беше во прашање по наводниот мозочен удар пред помалку од една година.
Јужнокорејското Министерство за унификација вели дека „нема информација“ во врска со наводите дека севернокорејскиот врховен водач е болен од рак.
Кабловската телевизија „Вај-Ти-Ен“, што емитува програма 24 часа на ден, јави дека Ким Џонг-ил има рак на панкреасот. 67-годишниот Ил наводно бил дијагностициран дека е болен од рак уште кога претрпел мозочен удар. Во извештајот се цитираат неименувани јужнокорејски и кинески разузнавачки претставници.
Постојат сомневања за валидноста на овој извештај.
Ха Таек-кјонг е претседател на „Отворено радио за Северна Кореја“ - приватна организација која се потпира на тајни извори во Северна Кореја за да известува за тамошните услови.
„Не верувам дека ова е точно“, изјави Таек-кјунг.
Лекарите велат дека ракот на панкреас речиси секогаш завршува фатално и честопати се дијагностицира во поодмината фаза. Токму тоа е причината што Ха е скептичен во однос на медиумската шпекулација.
Нашироко се смета дека Ким Џонг-ил претрпел мозочен удар некаде во јули минатата година. За време на реткото појавување во јавноста, Ил изгледаше слабо и изнемоштено. Севернокорејската влада ги држи во тајност речиси сите детали за личниот живот на Ким, вклучувајќи го и неговото здравје.
Јанг Мо-џин, професор на Универзитетот за севернокорејски истражувања во Сеул, вели дека иако не бил во најдобра здравствена состојба, Ким Џонг-ил функционирал на ниво што е неизводливо доколку е болен од рак на панкреасот. Тој додава дека би било речиси невозможно тој да патува и да ја води земјата доколку уште од август е заболен од овој вид на рака.
Професорот наведува дека севернокорејскиот лидер во меѓувреме имал едночасовна средба со кинескиот претставник Ванг Жиаруи, а минатата недела учествувал и на комеморацијата во чест на неговиот татко Ким Ил-сунг.
Ким Џонг-ил и неговите родители се предмет на култ во севернокорејската официјална политичка идеологија. Владината структура на Северна Кореја комплетно е зависна од Ким Џонг-ил, така што соседните земји на неговите евентуални здравствени проблеми гледаат како на опасност од дестабилизација на Северна Кореја.
Според неодамнешни медиумски извештаи, Ким Џонг-ил го назначил неговиот најмлад син, Ким Џонг-ан за наследник на власта, но останува отворено прашањето за тоа дали младиот Ким ќе може да се справи со фракциите и да го одржи единството во земјата.