Линкови за пристапност

Работниците во странство испраќаат се помалку пари дома поради рецесијата


Годинава се очекува драстично опаѓање на приливот на пари во сиромашните земји од нивните жители кои работат во богати држави во странство. Во нов извештај на Светската банка стои дека префрлањето пари ќе опадне за 7,3 проценти, или околу 24 милијарди долари, во време кога глобалната рецесија се одразува врз можноста имигрантите да заработуваат .

Извештајот предупредува дека растечката невработеност може да причини некои економски развиени земји да подигнат бариери за работниците од странство и понатамошно да го намалат овој витален извор на финансирање за земјите во развој. Тоа, пак, би можело да резултира во забавување на економската обнова на тие земји.

Крајната сума на префрлени пари се` уште ќе биде значителна - 304 милијарди долари. Извештајот предочува дека парите што се испраќаат дома на семејствата во матичните земји изнесуваат повеќе од една четвртина од бруто домашниот производ во неколку држави.

Наодите на Светската банка се на иста линија со претходни анализи на експерти од финансискиот магазин Баронс, според кои префрлањето пари ќе запре да опаѓа годинава и веројатно ќе почне да расне во 2010-та.

XS
SM
MD
LG