Линкови за пристапност

Обама во Гана ги повика Африканците да преземат контрола за сопствената судбина


Првиот афро-американски претседател на САД беше топло пречекан во Гана, практично како член на семејство. Тој за проблемите со кои се соочува Африка говореше токму како член на семејство – со критичен, но искрен тон.

Обама, чиј татко е од Кенија, ја спомена личната врска со трагичното минато на Африка, но подвлече дека дошло времето Африканците да ја преземат контролата за својата судбина во свои раце.

„Колонијалната карта, што немаше речиси никаква смисла, поттикнуваше конфликти, а Западот честопати на Африка и` пристапуваше како патрон и гледаше на неа како на извор на ресурси, а не како на партнер. Меѓутоа, Западот не е одговорен за уништувањето на економијата во Зимбабве изминатава деценија или за војните во кои се ангажираат деца-војници", рече американскиот претседател.

Обама ја повика новата генерација Африканци да изградат демократија, нови можности, да се борат против корупцијата и да стават крај на долгогодишното владеење со цврста рака и конфликти на континентот.

„За едно општество е смртна казна да се присилуваат деца да убиваат во војни. Криминален чин и кукавичлук е да се силуваат жените. Мора да се заложиме за вредноста на секој детски живот во Дарфур и за достоинството на секоја жена во Конго", порача Обама.

Во преполната сала пред членови на парламентот на Гана, Обама во саботата рече дека земјата станала пример за останатите од континентот – место каде развојот е поттикнат од доброто владеење.

„Тоа е елементот што недостасува на премногу места и премногу долго време. Тоа е промената што може да го отвори потенцијалот на Африка и тоа е одговорност што може да ја исполнат само Африканците", рече Обама.

Тој ја охрабри Гана, особено младите генерации, порачувајќи им дека умеат да се борат против болестите, конфликтите и да направат темелни промени. „Да, може да го сторите тоа", кажа американскиот претседател, парафразирајќи го својот предизборен слоган .

Барак Обама на заминувањето од Гана го испратија звуци на тапани и танцување - многумина се веселеа поради човекот на кого гледаат не само како на претседател на САД, туку и како син на Африка.

XS
SM
MD
LG