Линкови за пристапност

Новиот „Џенерал моторс“ се надева дека ќе ја придобие довербата на купувачите


Автомобилскиот гигант „Џенерал моторс“по само 40 дена излезе од банкротство и новата, помала компанија со исто име најавува обемни промени за да врати довербата на купувачите, но и славата како една од најпрестижните во земјата.

Извршниот директор Фриц Хендерсон на прес-конференција во петокот во Детроит, сојузната држава Мичиген, рече дека новиот, не толку гломазен и поконкурентен „ЏМ“ е повторно во игра со владиниот заем од 50 милијарди долари.

„Ова е возбудлив ден за `Џенерал моторс`. Денес е почеток на новата компанија која ќе му овоможи на секој вработен, вклучувајќи ме и мене, да се врати на задачата на дизајнирање, производство и продажба на извонредени автомобили и камиони и така да им служи на нашите муштерии“, рече Хендерсон.

„ЏМ“ успеа да излезе од банкрот многу побрзо отколку што многу аналитичари предвидуваа. Во напорите за обнова, првите лица на комапнаијата најавија големи промени, како 35-процентно кратење на извршниот работен кадар, како и прекин на производството на некои марки на автомобили и камиони што долги години беа незаменлива глетка на автомобилските саеми како „Сааб“, „Сатурн“, „Опел“, „Понтијак“ и „Хамер“.

Хендерсон вели дека новиот „ЏМ“ ќе се насочи на тоа да им даде на купувачите модели кои тие сакаат да ги купат, меѓу што и повеќе хибридни возила, како и враќање на основните марки како „Шевролет“ и „Кадилак“.

„Во новиот „ЏМ, треба да направиме муштеријата да биде во центарот. Ќе бидеме целосно посветени на тоа. Ако тоа не го направиме, ништо друго нема да функционира. Така едноставно“, коментираше Хендерсон.

Само минатиот месец, продажбата на „ЏМ“ падна за 34 проценти. Експертот по маркетинг од Универзитетот на Детроит, Мајк Берначи, смета дека новата компанија треба да ги засука ракавите за да ја врати довербата меѓу американските потрошувачи:

„`ЏМ` стекна репутација дека не ја слуша јавноста. Новата компанија треба тоа да го промени“, вели Берначи.

Излагањето на „ЏМ“ од банкротство е кулминација на несекојдневните напори на американската влада да ја спаси автомобилската индустрија во земјата. Владата на претседателот Барак Обама потроши речиси 80 милијарди долари за помош на автопроизводителите, од кои 50 милијарди за „ЏМ“.

Хендерсон на прес-конференцијата најави дека компанијата има намера да ги врати владиниот заем многу порано од крајниот рок во 2015-та.

XS
SM
MD
LG