Линкови за пристапност

Конференција во Вашингтон за улогата на жените во политичкиот живот на Балканот


Учеството на жените во власта е круцијално за демократската транзиција на Западниот Балкан кон евро-атланските структури. Владите во регионот, политичките партии и невладините организации работат на остранување на традиционалните пречки за понежниот пол во сите гранки на власта, подвлекоа учесниците на собирот.

Зошто треба да има поголема вклученост на жените во јавниот и политички живот? Низ конкретен пример објаснува Слаѓана Марјановиќ-Пановска, раководител на програми во Канцеларијата на НДИ во Скопје:

„Откако добивме повеќе жени во Парламентот на Република Македонија, тие успеаја да направат измени во законот за здравствена заштита, што овозможува секоја жена во Македонија еднаш годишно да има бесплатен гинеколошки и мамографски преглед.

Тоа на долгорочен план ќе ја намали бројката на заболени. Ова е важно прашање од социјален аспект, затоа што тоа не се одразува само врз жената, туку и врз семејството“.

Африм Кркути од Дебар, вработен во Македонски пошти, кој исто така учествува на програмата во Вашингтон организирана од Националниот демократски институт и Националниот албанско-американски совет, за статусот на жената во неговиот роден град вели:

„Веројатно сите знаеме што значи Дебар во смисла на еманципација на жената. Ќе напоменам дека имаме дури и парламентарка во Собранието на Македонија од Дебар. Познато е колку се едуцирани и колку вложуваат дебарчани во едукација на жените, но и на младите генерации. Оваа година имавме едно изненадување, дека од една, ќе ја наречам радикална албанска партија како што е ДПА, произлезе кандидат за претседател на Македонија - Мируше Хоџа. Тој тренд нема да запре и во иднина ќе има повеќе изненадувања“.

Учесниците тврдат дека во сите земји на Западниот Балкан се менува стереотипот за жената како ограничена на домаќинка и без други амбиции. Заклучија дека Македонија е лидер во еманципацијата на жените и нивно вклучување во политички процеси. 30 отсто од Парламентарците во актуелниот состав на македонското Собрание се жени. Во, Албанија, процентот е 15.

XS
SM
MD
LG