Линкови за пристапност

Г-8:  20 милијарди долари помош за исхрана на сиромашните земји


Групата Осум, што ја сочинуваат САД, Јапонија, Германија, Франција Британија, Италија Канада и Русија, на средбата во местото Лаквила реши да обезбеди 20 милијарди долари помош за прехрана на сиромашните земји.

САД ветија 3,5 милијарди долари во рамки на планираната тригодишна програма за помош на сиромашните земји не само за прехрана, туку и за развивање на нивните земјоделски сектори. Ова беше најавено по разговорите меѓу лидерите на Г-8 и африканските земји за обезбедување на доволни количини на храна.

Агенцијата за храна и земјоделство на ОН ја поздрави одлуката како „охрабрувачка промена во политиката што ќе им помогне на сиромашните и гладните“.

Оценувајќи го самитот на прес-конференција, американскиот претседател Барак Обама кажа дека лидерите отворено и посветено разговарале за прашања како економската стагнација и климатските промени. Тие се согласиле дека целосната обнова од глобалната рецесија е се` уште далеку, рече американскиот претседател, но го подвлече долгорочниот консензус заеднички да се работи на остварување на таа цел. Според Обама, државниците на Г-8 биле едногласни и за потребата да се запре ширењето на нуклеарно оружје и изразиле загриженост за, како што кажа, шокирачките настани по претседателските избори во Иран и ризикот што земјата го претставува во ширење на нуклеарното оружје.

XS
SM
MD
LG