Линкови за пристапност

Македонија:  Промените во Владата на дневен ред на Парламентот


В петок на дневен ред на Парламентот ќе се најдат разрешувањата на старите и именувањата на новите министри во Кабинетот на премиерот Никола Груевски.

Колку побрзо тоа заврши, толку побрзо ќе продолжат реформите, е пораката од евроамбасадорот Ерван Фуере. Тие немаат време за меден месец - вели тој.

По вчерашните оставки на министрите за образование и за земјоделство, Перо Стојановски и Ацо Спасеноски и по најавеното разрешување на министерот за финансии Трајко Славевски, Владата веќе најде нивна замена. Вицепремиерот Зоран Ставрески ќе ги преземе финансиите, Никола Тодоров станува прв човек за образование, а Љупчо Димовски ќе биде одговорен за земјоделство. Владо Пешевски, досегашен директор на фондот СЕАФ е предложен за министер без ресор, задолжен за економски прашања. Васко Наумовски ќе го замени досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, кој поднесе оставка пред една недела.

Стојановски во оставката наведува дека и покрај силните заложби, не успеал да ја спречи политизацијата на образовните институции. Спасеновски, пак, вели дека поднесува оставка, почитувајќи го договорот меѓу премиерот и лидерот на Социјалистичката партија за негов натамошен ангажман, додека Боцевски пред една недела констатираше дека неговиот придонес во евроинтеграциите од позиција на вицепремиер е исцрпен. Единствено министерот за финансии Славевски на брифинг најави дека своите аргументи ќе ги изнесе на собраниската седница. Тој призна дека разрешувањето му било најавено, но дека сепак ќе го искористи деловничкото право да раскаже што се` сработил досега и дали евентулано погрешил.

Од ДУИ велат дека оценките за досегашната работа на нивните министри се позитивни и оти ќе нема промени. Џевад Адеми потврди дека биле запознати со сите фази од донесувањето на овие одлуки и дека ќе ги поддржат новите решенија. ДПА и Нова демократија - со критики до работата на министрите од ДУИ: сметаат дека тие воопшто не се ни препознаваат во масата. Најголемата опозициона партија СДСМ бара оставка од Груевски. Цветанка Иванова смета дека ако министрите не покажале резултати значи дека „тој што ги диригира, не знае да го прави тоа".

На седницата Парламентот ќе избере и двајца заменици-министри, за земјоделство и за транспорт и врски.

XS
SM
MD
LG