Линкови за пристапност

Нимиц, сепак, со предлог во Македонија


Нимиц во Скопје сепак дојде со предлог. Како што изјави на прес конференцијата по средбите со македонското раководство, се работи за измени на последниот предлог од октомври минатата година, без да обелодени детали, повикувајќи се на тоа дека ниту минатогодишниот предлог не е објавен во јавноста.

„Направив измени во октoмврискиот предлог и владата треба да го разгледа целиот пакет со измените. За ова разговаравме детално и треба сериозно да размислат за тоа. Истото се однесува на Атина, па ќе видиме каде сме“, рече Нимиц.

Посредникот на ОН вели дека добил уверување од македонската влада дека измените ќе бидат детално и сериозно разгледани, а тој ќе ги презентира и на грчката страна, при утрешната посета на Атина.

Оценувајќи ги преговорите како комплексни, Нимиц рече дека нивна крајна цел е достоинствено решение што ќе им одговара на двете страни и ќе го зачува идентитетот на земјата, а воедно ќе се реши едно тешко прашање во регионот.

„Примарно зборуваме за името на земјата. Никогаш не сум слушнал кој било официјален грчки претставник да негира дека оваа земја и луѓе имаат единствен идентитет и единствен јазик. Доаѓам во оваа земја од 1994-та година и преговорите ги водам веќе 15 години. Знам дека оваа земја има идентитет, има јазик и мислам дека никој во светот не го доведува тоа во прашање. Постојат некои прашања во врска со ова, но не и прашањето дека постои јазик или националност. Затоа луѓето треба да се чувствуваат удобно бидејќи зборуваме за референцата за името, а не и за идентитетот“, коментираше Нимиц.

Нимиц рече дека не сака да поставува рокови за евентуално решение на спорот, но сепак е оптимист дека тоа може да се случи, бидејќи денешните средби во Скопје ги оцени како констурктивни..

XS
SM
MD
LG