Линкови за пристапност

Обама:  Америка сака силна, мирољубива и просперитетна Русија


Обама го започна вториот ден од посетата на Москва со средбата со рускиот премиер и поранешен претседател Владимир Путин, кого многу аналитичари го сметаат за најмоќен човек во земјата.

Зборовите беа срдечни, а тонот беше одмерен.

„Можеби не се согласуваме за се`, но мислам дека може да постои тон на взаемно почитување и консултации од што корист ќе има и американскиот и рускиот народ“, рече Обама.

Неколку часа подоцна, Обама му се обрати директно на рускиот народ и во говорот во московското Ново економско училиште кажа како САД сега гледаат на некогашниот соперник од Студената војна.

„Веднаш да појаснам – Америка сака силна, мирољубива и просперитетна Русија. Ова убедување е вкоренето во нашата почит кон рускиот народ и историјата што ја споделуваме, а која го надминува соперништвото“ кажа американскиот претседател.

Претпоставката од Студената војна дека САД и Русија може да опстојуваат само како противници кои се натпреваруваат за сфери на влијание е погрешна, рече Обама. Но, претседателот предочи дека во потрагата по заедничка основа нема да отстапи од принципите како почитувањето на човековите права, на пример. Дипломатски го спомена статусот на Грузија и Украина – две поранешни советски републики кои ја обвинуваат Москва за мешање во внатрешните работи.

На дневен ред на Обама се и средби со први лица од руската бизнис-заедница, како и со членови на политичката опозиција.

XS
SM
MD
LG