156 лица загинаа, а најмалку 800 беа повредени во судирите меѓу етничките Ујгурци и полицијата во западниот кинески автономен регион Ксинџианг, соопштија кинеските власти. Тие го обвинуваат Светскиот ујгурски конгрес за поттикнување на немирите. Со организацијата раководи Ребија Кадир, ујгурска бизнисменка која мина девет години во кинески затвор, а сега живее во САД.
Организациите во егзил порекнуваат вмешаност и тврдат дека немирите се должат на растечкото незадоволство на Ујгурците поради - како што наведуваат - прекумерната контрола на кинеското мнозинство врз економските можности, културата и религијата. Ујгурците се во најголем дел муслимани.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун во понеделникот изјави дека Кина треба по мирен пат да ги разреши сите разлики во размислувањата, и тоа преку дијалог. Ки-Мун ја повика Кина да ја заштити слободата на изразување, правото на јавно собирање и достапност до информации.