САД и Русија потпишаа спогодба со која се обврзуваат значително да го намалат бројот на своето стратешко оружје.
Спогодбата што ја потпишаа американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев на средбата во Москва им наложува на преговарачите од двете земји да го финализираат договорот што ќе ја замени Спогодбата за намалување на стратешко оружје (СТАРТ), чија важност истекува во декември. Новиот договор предвидува намалување на боевите глави од 2.200 на 1.500 до 1.675, а на возилата за нивно лансирање од 1.600 на 500 до 1.100.
Претходно, на почетокот на средбата во Кремљин со Медведев, Обама кажа дека очекува „несекојдневен напредок“ по низа прашања. Медведев најави сеопфатна дискусија за односите меѓу двете земји, со затворање на некои од страниците на минатото, но и со отворање на некои на иднината.
Говорејќи за новиот договор за вооружувањето, Медведев во неделата кажа дека САД мора да направат компромис за својот план за систем за противракетна одбрана во Централна Европа. Русија смета дека планираниот американски ракетен штит во Полска и Чешката Република би ја загрозил руската безбедност и би започнал нова трка во вооружувањето. САД, пак, тврдат дека штитот е во случај на евентуален напад од Иран или Северна Кореја и дека во никој случај не е наменет за Русија или некој друг.
Обама и Медведев во понеделникот издадоа заедничка изјава што ја реафирмира заложбата на обете земји во борбата потив тероризмот, вооружениот екстремизам, како и незаконската трговија со дрога во Авганистан. Претставници на двете земји исто така потпишаа договор што овозможува транзит на американски армиски конвои преку Русија за Авганистан.
Обама во вторник ќе се сретне со рускиот премиер Владимир Путин во неговиот дом, надвор од Москва.