Стапката на невработеност во САД порасна на 9, 5 процени минатиот месец – највисока цифра во последните 26 години. Последното истражување на јавното мислење покажува дека претседателот Обама продолжува да има поддршка во јавноста за неговата политика и покрај слабите економски показатели.
Претседателот Обама по разочарувачкиот извештај за невработеноста побара од Американците трпеливост во време кога земјата чека да подобрување на економијата:
„Како што велам од првиот момент кога дојдов во Белата куќа, беа потребни години да дојдеме до овој хаос, и ќе бидат потребни повеќе од неколку месеци да се сврти текот на ситуацијата на подобро.“
Делумна утеха за Обама и покрај забавената економија,може да биде неодамнешно истражување на јавното мислење. Универзитетот од Конетикат направи анкета што покажа дека јавноста, во најголем дел, и натаму го поддржува претседателот.
„Претседателот Обама е се уште многу популарен меѓу Американците. Тој има 57-процентно одобрување за тоа како ја врши работата, што е прилично висок рејтинг. Има мало опаѓање откако дојде на функцијата, но тоа не е големо изненадување“, вели анкетарот Питер Браун.
Незадоволство во јавноста за тоа како Обама се справува со кризата е 31-37 проценти.
Браун вели дека поддршката за претседателот паднала за осум до 10 поени меѓу некои клучни гласачки групи од претходната анкета на почетокот на јуни:
„Тоа се луѓе и групи кои не гласаа за него на изборите во ноември минатата година. Говориме за мажи, републиканци, евангелистички бели христијани и католици. Не се очекува, историски погледнато, тие да имаат поддршка за претседателот“, вели Браун.
Опозициските републиканци за опаѓањето на поддршката на претседателот бараат одговор во растечката загриженост на јавноста за националниот долг и буџетскиот дефицит.
Претседавачот со националниот републикански комитет Мајкл Стил, вели дека последниот извештај за невработеноста покажува дека стимулативниот план на претседателот не носи економско опоравување.
Сепак, анкетарот Питер Браун вели дека засега, Американците се уште сметаат дека дел од одговорноста за економската состојба има претседателот Буш, а не актуелниот претседател Обама: „Засега тој успева да ги убеди Американците дека економските проблеми со кои се соочуваат не се по негова вина, туку резултат на политиката на неговиот претходник и затоа одобрување на јавноста за неговата работа е со висок процент. Кога ќе почне јавноста него да го обвинува за економската состојба, тогаш ќе уследи намалување на цифрите“
Претседателот се соочува со уште еден домашен тест на 13-ти јули. Тогаш почнува распитот во Конгресот за потврдување на неговата номинација за судија во Врховниот суд, судијката Соња Сотомајор.
Обама ја избра Сотомајор за местото на судијата Дејвид Саутер, кој се пензионира. Ако биде потврдена на функцијата, таа ќе стане прв судија од латимоамериканско потекло во Врховниот суд и трета жена на оваа највисока судска инстанца.