Линкови за пристапност

Пред самитот на Групата Осум – надеж за справување со сиромаштијата во Африка


Годишниот самит на Групата 8 индустријализирани земји е можност нивните лидери да разговараат за наоѓање решенија за глобалните проблеми. Хуманитарните групи се надеваат дека шефовите на држави и влади годинава ќе решат да ја зголемат помошта за развој на Африка.

Мередит Александер од групата за борба против сиромаштијата „Помош за акција“, со седиште во Лондон, вели дека Г-8 има шанса вистински да им помогне на африкански земји.

„Очекуваме дека како резултат на рецесијата, годинава ќе бидат загубени околу 50 милијарди долари наменети за Африка. Тука се и проблемите како климатските промени, растечката криза со сиромаштијата, СИДА-та и образованието. Би било добро доколку Г-8 овие проблеми ги сфати сериозно“, вели Мередит Александар.

„Помош за акција“ се надева дека африканското земјоделство ќе биде една од областите каде ќе биде зголемена помошта од страна на развиените земји. Ова, додава Александер, ќе ја намали гладта. Сепак, вели Мередит, Г-8 има историја на давање празни ветувања.

„Сметаме дека лидерите од Г-8 треба навистина да ги стават парите каде што им се устите, а оваа одговорност најпрво се однесува на домаќинот на самитот, Италија“, вели оваа претставничка на „Помош за акција“.

Но, според најнов извештај на меѓународната хуманитарна организација „Еден“, Италија нема да го реализира ветеното.

Групата додава дека премиерот Силвио Берлускони „сосема потфрлил“ во одржување на ветената помош за Африка на самитот во 2005 година.

Оваа хуманитарна организација се надева дека другите странски лидери ќе извршат притисок врз Италија да направи промени во својата финансиска политика и да стори повеќе за развој на земјоделството на овој континент.

Директорот на „Еден“ одговорен за Европа, Оливер Бастон, вели:

„Основна работа е да се одржуваат ветувања. Знаеме дека кога овие пари ќе се искористат ефикасно, може да се постигнат одлични резултати. Лидерите на осумте најразвиени земји дадоа ветувања за најсиромашните луѓе на планетава. Сега е време да ги одржат“.

Од организацијата „Еден“ велат дека африканските земји добиле само една третина од ветената помош од самитот во 2005. Но тие, и други активистички групи се надеваат дека лидерите на овогодишниот самит ќе бидат свесни за потребата да се стори повеќе.

XS
SM
MD
LG