Земјите на ЕУ ги свикаа иранските амбасадори за да изразат незадоволство поради апсењето на персоналот на британската амбасада во Техеран. Официјални лица велат дека земјите членки на Унијата се согласиле на овој чекор за време на денешната средба во Брисел.
Надлежните во ЕУ разгледуваат и дополнителни мерки вклучувајќи и визни ограничувања за ирански претставници.
Во меѓувреме, висок ирански свештеник денеска изјави дека дел од персоналот на британската амбасада ќе биде подложен на судски процес за наводна вмешаност во демонстрациите по изборите во Иран. Ајатолахот Ахмад Џанати за време на петочната молитва рече дека некои од вработените во амбасадата всушност признале дека учествувале во активностите за поттикнување на немирите. Џанати е тесно поврзан со иранскиот врховен лидер.
Деветмина вработени во британската амбасада во Техеран беа уапсени минатата недела, некои од нив се ослободени, но британската влада соопшти дека двајца се` уште се во иранска надлежност.
Британското Министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост и соопшти дека ги проверува извештаите дека дел од персоналот на амбасадата ќе биде изведен пред суд.