Линкови за пристапност

Американски и авганистански војници зазедоа територија под контрола на Талебан


4.000 американски маринци и стотици авганистански безбедносни сили заземаат упоришта на Талебан во јужниот дел на Авганистан.

Извештаите од теренот пренесуваат дека во зоната на војување во провинцијата Хелманд, војниците на наидуваат на голем отпор по ноќните воздушни напади и копнениот напад кој почна во раните часови во четвртокот. Засега нема информации за жртви.

Ова е најголема офанзива на американските маринци од битката за ирачкиот град Фалуџа во 2004-та. Исто така ова е прва поголема операција согласно новата стратегија на американскиот претседател Барак Обама за стабилизирање на земјата.

Американската армија соопшти дека силите имаат задача да ги потиснат бунтовниците и да одржуваат безбедност пред претседателските избори во Авганистан на 20-ти август.

Пакистанската армија вели дека распоредила сили долж границата за да го пресретне повлекувањето на милитантите поради офанзивата под американско раководство наречена „Операција анџар“ или “Удар на мечот“.

Јужната покраината Хелманд е главниот произведувач на авганистански опиум, на кој отпаѓа преку 90 проценти од неговата количина во светот. Американски претставници велат дека Талебан делумно се финансира од трговијата со опиум во Авганистан.

XS
SM
MD
LG