Линкови за пристапност

САД во масовна офанзива во Авганистан


Околу 4.000 маринци во четвртокот започнаа со напад врз упоришта на Талебан во јужниот дел на Авганистан. Ова е прва поголема операција согласно новата стратегија на американскиот претседател Барак Обама за стабилизирање на земјата.

Американските сили, засилени со 650 авганистански војници и полицајци, во мугри извршија офанзива во долниот дел на долината на реката Хелманд, центарот на талебанското бунтовништво. Дел од силите навлегоа во градовите и селата со конвои оклопни возила, додека други пристигнаа со хеликоптери.

Американската армија соопшти дека силите имаат задача да ги потиснат бунтовниците и да одржуваат безбедност пред претседателските избори во Авганистан на 20-ти август. Пакистанската армија вели дека распоредила сили долж границата за да го пресретне повлекувањето на милитантите поради офанзивата под американско раководство наречена „Операција анџар“ или “Удар на мечот“.

Во одвоено соопштение, американски армиски портпарол информираше дека бунтовниците заробиле американски војник во источен Авганистан, но не даде детали.

Коментирајќи на офанзивата во јужен Авганистан, бригадниот генерал на маринците Лари Николсон кажа дека силите ќе изградат пунктови и ќе живеат меѓу луѓето во овој регион познат по одгледување на афион.

Јужната покраината Хелманд е главниот произведувач на авганистански опиум, на кој отпаѓа преку 90 проценти од неговата количина во светот. Американски претставници велат дека Талебан делумно се финансира од трговијата со опиум во Авганистан.

Офанзивата под американско раководство е најголемата и најбрза операција досега во рамки на изменетата стратегија на претседателот Обама за Авганистан.

XS
SM
MD
LG