Линкови за пристапност

Калифорнија и други сојузни држави соочени со буџетска криза


Владата на американската сојузна држава Калифорнија најави дека ќе започне да издава обврзници наместо да плаќа со пари за некои сметки, поради тоа што пратениците не успеаја да се договорат како да го надминат буџетскиот кусок од 24 милијарди долари.

Калифорнија е една од неколкуте сојузни држави што имаат сериозни буџетски проблеми на почетокот на новата фискална година на 1-ви јули. Како резултат на економската криза, сојузните држави доживеаја пад во приходите.

Пратениците во Сенатот на Калифорнија се обидоа, но не постигнаа согласност за изгласување на мерки за скратување на образовниот буџет на државата за три милијарди долари до истекот на крајниот рок на полноќ меѓу вторникот и средата. Сенаторите се согласија дека се потребни скратувања, но демократите, кои имаат контрола во телото, предложија нови такси за намалување на кусокот како решение за ситуацијата. Републиканците, меѓу кои и гувернерот Арнолд Шварценегер, се против.

Според истражувачката организација Центар за буџет и политички приоритети со седиште во Вашингтон, најмалку 48 од 50-те сојузни држави се справуваат или се соочуваат со кусок во буџетот за наредната година.

Илиноис и` се придружи на Калифорнија како друга држава што ја започна новата фискална година без буџет. Гувернерот Пат Квин одби да потпише каков и да е буџетски план што ќе ги скрати средствата за ментална здравствена заштита.

Во Пенсилванија, пратениците се справуваат со кусок од 3,2 милијарди долари и може да се случи да решат одложено да им плаќаат на државните службеници.

XS
SM
MD
LG