Десетици илјади лица маршираа по улиците на Хонг Конг да изразат негодувања во време кога се одбележува 12-годишнината од враќањето на територијата под кинески суверенитет.
Демонстрантите одеа по топлото време од паркот Викторија до владините канцеларии изразувајќи барања за правата на работниците, за отварање работни места, за подобро образование, демократија и многу друго.
Демонстрантите носеле пораки како „Спасете го Хонг Конг, отфрлете го Доналд“, алудирајќи на назначениот лидер Доналд Ѕанг. Демонстрантите биле критички настроени кон владата, велејќи дека не прави доволно да им помогне да си ги повратат инвестициите од пропадната американска банка Леман Брадерс.
Други повикуваа на универзално право на избор во Хонг Конг, што беше и главно барање на изминатите маршеви на 1-ви јули. Меѓу оние кои се придружија на протестите беше и поранешниот законодавец Ансон Чан. Тој рече дека ова е негова втора година на протести, и се надева последна, зашто ако следната година биде дадено универзално право на избор, тогаш нема да има потреба од излегување на улица.
Годишното одбележување на враќањето на Хонг Конг под управувањето на Кина стана барометар за јавното расположение.
Организаторите на маршот очекуваа повеќе луѓе годинава поради економската криза и забавување.
Одржувањето на годишниот марш почна во 2003-та, кога половина милион луѓе протестираа против контроверзниот закон за безбедност и лошото справување на владата со појавата на вирусот на САРС.
Во кусото обраќање, хонгконшкиот лидер Ѕанг рече дека е убеден оти неговата влада ќе успее да ја обнови економијата, да обезбеди благосостојба за граѓаните, и да се справи со пандемијата на птичјиот грип.
Претходно во текот на денот, 40.000 луѓе ја проследија про-владината парада.
Британија и го врати на Кина управувањето со Хонг Конг во 1997-ма.