Линкови за пристапност

„Фридом Хаус“:  2008-ма - црна година за демократиите во поранешните комунистички земји


Речиси две децении по падот на Берлинскиот ѕид, во нова студија на „Фридом Хаус“, меѓународната невладина организација со седиште во Вашингтон, се наведува дека е забележано опаѓање на демократијата во земјите од Централна Европа до Евроазија, а Русија за прв пат се поврзува со диктаторски режим.

Во студијата насловена како „2008-ма - црна година за демократиите во поранешните комунистички земји“, стои и дека минатата година се регистрирани повеќе загуби отколку придобивки во областите како изборниот процес, независните медиуми, локалното демократско владеење и корупцијата.

Во делот за Македонија, за изборниот процес се наведуваат пропусти од предвремените парламентарни избори на 1-ви јуни. Според ОБСЕ, се вели во извештајот, за време на изборите не биле исполнети клучните меѓународни стандарди, особено заради нападите врз канцелариите на изборните штабови, физичките пресметки и употреба на огнено оружје. Нормативот за избор на претседател бил намален од 50 на 40 проценти, со што се намали потребата на претседателските кандидати да се борат за поголема поддршка од граѓаните со различно етничко потекло, се вели во најновиот извештај на „Фридом Хаус“. Немало јавна дискусија за промена на оваа политика и како резултат на тоа, според документот, рангирањето на изборниот процес во Македонија, се влошил од 3,25 до 3,50.

Во однос на корупцијата, владата на премиерот Никола Груевски тврди дека борбата против ова зло е еден од нејзините приоритети, е наведено во извештајот. Заради преземените мерки во 2008 и казнувањето на одредени јавни личности за вмешаност во коруптивни дејности, рангирањето на Македонија што се однесува до корупцијата е подобрено.

Во областа на граѓанско општество, независни медиуми, локално демократско владеење и судска рамка и независност, состојбата во Македонија, според „Фридом Хаус“ е практично непроменета.

За 2009 година, според најновиот извештај на невладината организација, во Македонија се прогнозираат тензии во редовите на владеачката коалиција. Ситуацијата на Косово, кое минатата година прогласи независност, може негативно да се одрази на етничките односи во Македонија, стои во извештајот. Македонската влада се предвидува дека ќе биде под натамошен притисок за економски реформи и постигнување на поголем економски растеж. Датумот за преговори за членство во ЕУ и НАТО, стои во извештајот, би претставувал поддршка на реформистите во земјата и би бил знак за стабилизација на македонската демократија. Како тест за демократската зрелост на Македонија, вели „Фридом Хаус“, се и претседателските и локалните избори, а за годинава е предвиена и целосна визна либерализација од страна на ЕУ.

„Фридом Хаус“, независна невладина организција која поттикнува проширување на слободите во светот, врши мониторинг на политичките права и граѓански слободи ширум светот уште од 1972-ра година.

XS
SM
MD
LG