Шведска го презема ротирачкото претседателство на Европската Унија по проблематичните шест месеци под Чешка палка во кои имаше паѓање на владата во Прага. Столхолм се соочува со големи предизвици – од справувањето со економијата, па се` до климатските промени.
Аналитичарите сметаат дека новото шведско претседателство со ЕУ ќе донесе стабилност на 27-члената Унијата во тешки времиња. Претходното претседателство на Чешка беше прилично немирно -- со пад на чешката влада и внатрешните борби за превласт -- со чешкиот претседател Вацлав Клаус, проминентен евроскептик.
Аналитичарот Филип Вајт од Центарот за европски реформи во Лондон го сумира чувството меѓу многу набљудувачи:
„Генерално погледнато, чешкото претседателство беше релативно хаотично, и Чесите оставаат прилично ужасно наследство. Го презедоа претседателствувањето од Франција, а францускиот претседател Никола Саркози се однесуваше како да продолжува неговата земја на чело со Унијата. Тоа беше тешка транзиција. Чешкото претседателство беше погодено и со политичка нестабилност и паѓањето на владата“.
Швеѓаните нема да имаат лесен пат. Пред нив е судбината на клучната реформа во ЕУ, позната како Лисабонскиот договор. Ирските гласачи се очекува да го одобрат договорот на референдум во октомври, откако го отфрлија првиот пат. Но, ако го отфрлат по втор пат, ЕУ ќе западне во криза.
ЕУ ќе се обиде да ги реализира амбициозните ветувања за спреавување со климатските промени и да ја намали емисијата на издувни гасови во атмосферата со принудување на САД и Кина да помогнат во тоа како што ветија пред самитот посветен на климатските промени во декември.
Вајт смета дека економската криза е на врвот од листата на приоритети: „Очигледен е тука економскиот контекст и проблемите со кои се соочува претседателството на ЕУ, затоа што Унијата нема многу моќ за реагирање со оглед на тоа што економските инструменти се наоѓаат во рацете на националните влади“.
Сепак, тој верува дека Шведска ќе заврши добра работа со претседателствувањето со ЕУ. Земјата има стабилна влада и Стокхолм е познат по наклонетост кон консензус во правец на економски либерална ЕУ. Тоа е квалитет, вели Вајт, што ќе наиде на одобрување во седиштето на Унијата во Брисел.