Паралелно со обновените преговори околу името, Македонија изминативе недели со помош на домашни и странски експерти го комплетира образложението за тужбата против Грција поради прекршување на Времената спогодба и попречување на евроатланската интеграција. Македонската влада тврди дека тужбата нема да влијае врз преговарачкиот процес. Во наредните шест месеци, Меѓународниот суд за правда ќе побара Грција да испрати одговор
Ерик Давид, професор по меѓународно право на Слободниот
универзитет во Брисел оценува дека се работи за прв случај од ваков вид пред Меѓународниот
суд на правда и не исклучува некакво компромисно решение на судиите во Хаг.
„Државите имаат обврска да соработуваат меѓусебно, да одржуваат пријателски
односи. Ако постои спор, треба да го
решат на мирен начин. Судскиот пат е
еден од нив. Но, бидејќи нема вистинско
правно решение на овој проблем, не е исклучено Судот да донесе одлука во која
ќе им нареди на државите да продолжат да преговараат се` додека не дојдат до
заедничко прифатливо решение", смета Давид.
Во секој случај, се очекува странските експерти со љупопитство да го следат процесот, токму поради тоа што сметаат дека станува збор за случај што за прв пат се јавува во судската пракса.
„Тоа што ги спротиставува Грција и Македонија се идеолошки, политички, културни причини зад кои можеби се крие страв од иредентизам од страна на Македонија, но прашањето не е кодифицирано и ќе биде многу интересно да се види како ќе се произнесе Судот, бидејќи во меѓународното право не постои речиси ништо по ова прашање", вели Давид.
Според прогнозите на домашните и странски ескперти, овој судски процес ќе трае од 2 до 4 години.