Линкови за пристапност

Македонските власти велат дека нема место за паника поради грипот  


Во Македонија има само два случаи на заразени со грипот А, а дополнителните анализи од референтната лабораторија во Лондон ќе потврдат дали се работи за вирусот Х1 Н1. Третиот сомнителен случај, 65- годишната жена од Битола која неодамна била во Германија, сепак боледува од друга болест. Првичните испитувања покажале дека таа не е третиот случај што ќе биде хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје.

Здравствените власти смируваат дека нема место за паника и оти состојбата е очекувана поради годишните одмори и патувањата во и од странство. На граничните премини и на двата аеродроми во Скопје и во Охрид се наоѓаат лекарски екипи кои делат летоци и совети за заштита од новиот грип, но и за реакцијата доколку се појават симптоми на вирусот.

Во Македонија деновиве е зголемен бројот на гости и иселеници - Македонци од Европа, но и од САД и од Австралија, каде има сериозен број на заразени од вирусот Х1Н1. Гостите велат дека никаде не биле подложени на поголеми прегледи. Двете момчиња кои се наоѓаат на Клиниката во Скопје и за кои најдоцна до утре ќе се знае дали се заболени од новиот грип, во Македонија, односно во Прилеп пристигнале од Австралија, од Сиднеј и од Канбера.

Од Македонската дијаспора на австралискиот континент велат дека припадниците на околу 350- илјадната иселеничка заедница секојдневно се во контакт со многу лица на своите работни места и невозможна е целосна заштита од новиот вирус.

Според најавите, за време на летните одмори се очекува Македонија да ја посетат околу 10.000 иселеници.

XS
SM
MD
LG