Линкови за пристапност

САД ја предадоа контролата врз ирачките градови 


Ирачките сили во вторникот утрото официјално ја презедоа контролата врз Багдад и другите градови ширум земјата, откако американските борбени сили се повлекоа од урбаните средини.

На церемонија во понеделникот, главниот американски армиски командант во Багдад, генерал-потполковникот Даниел Болгер му ги предаде на својот ирачки колега клучевите од зградата каде порано се наоѓаше министерството за одбрана, а што потоа служеше како штаб на здружените сили.

Повлекувањето е во согласност со американско-ирачкиот безбедносен договор што поставува рок за заминување на сите американски сили до крајот на 2011-та.

Ирачката влада го прогласи вторник, 30-ти јуни за „Ден на националниот суверенитет“. Илјадници Ирачани во понеделникот се собраа во главниот багдадски парк Завра за да го прослават настанот со музика и огномети.

Во Ирак сепак ќе останат десетици илјади американски војници кои ќе ги обучуваат и советуваат ирачките сили, а би се вратиле во урбаните области доколку така побараат ирачките власти.

Американската армија соопшти дека четири нејзини војници загинале во насилства непосредно пред повлекувањето. Во два одвоени бомбашки напада во северен Ирак, близу Мосул, пак, животот го загубиле седумина ирачки полицајци и еден курдски војник.

XS
SM
MD
LG