Линкови за пристапност

Се урна авион со 153 патници близу Коморските Острови, преживеа едно дете 


Јеменски патнички авион со 153 патници се урна во близина на Коморските Острови. Властите соопштија дека едно дете ја преживеало несреќата, а биле пронајдени телата на три патници. Според претставници на компанијата „Јеменија ер“, нејзиниот авион се урнал во вторникот утрото додека летал од јеменскиот главен град Санаа во правец на Морони на главниот коморски остров.

Засега не се знае причината за несреќата, иако, според медиумските извештаи, дувале силни ветришта во време кога авионот се приближил до островот. Во авионот од типот „Ербас“ се наоѓале 142 патници и 11 членови на екипажот.

Францускиот министер за транспорт Доминик Басеро изјави дека француски инспектори откриле голем број дефекти во авионот за време на проверка извршена во 2007-ма. Тој кажа и дека „Јеменија ер“ не била на црната листа на авионски компании на кои им е забранет пристап во европскиот воздушен простор, но дека сепак била предмет на заострени инспекции.

Франција испратила два армиски авиона да помогнат во спасувачките напори.

Францускиот министер за надворешни работи Бернард Кушнер соопшти дека во авионот имало 66 француски државјани.

Авионот на „Јеменија ер“ е втор од типот „Ербас“ што се урна месецов. На 1-ви јуни загинаа сите 228 патници и членови на екипажот на авион на „Ер Франс“ кога тој се урна во Атлантскиот Океан.

„Ербас“ соопшти дека ќе испрати група стручњаци на Коморските Острови за да помогне во истрагата.

Државата Коморски Острови ја сочинуваат три острови на околу 300 километри северозападно од Мадагаскар, во Мозамбискиот Теснец.

XS
SM
MD
LG